ОДЛУКА НА УСТАВНИОТ СУД: Битолчани ќе може да чуваат повеќе од две кучиња и кучиња што „постојано лаат и завиваат“

Уставниот суд, по иницијативата поднесена од Здружението за заштита на животните „Анима мунди“, го укина членот 106 од Одлуката за комунален ред на Општина Битола, донесена од Советот на Општина Битола во 2012 година. Во оваа одлука, меѓу другото, беше предвидено во едно семејно домаќинство да може да се чуваат до две кучиња. Од Уставниот суд истакнуваат дека никаде во законодавството не се пропишува дека во едно семејство може да се чуваат само две кучиња, па според тоа Одлуката е спротивна од уставен и од законски аспект, односно дека е во спротивност со уставните определби.

Во укинатиот член 106 од Одлуката се пропишуваше и дека не е дозволено чување кучиња кои постојано лаат и завиваат и дека не е дозволено чување кучиња во згради и во нивните дворови, освен чување кучиња со педигре.

Според Судот, пропишувањето на Советот на Општината Битола од членот 106 став 6 од Одлуката за должноста за прибавување писмено одобрение од куќниот совет на колективната станбена зграда за чување кучиња во згради и во нивните дворови нема основа во закон. Имено, од анализата на одредбите од Законот за домување, кој ги уредува прашањата од областа на домувањето во станбени згради, произлегува дека наведениот закон воопшто не предвидел писмено одобрение на куќниот совет за чување на домашен миленик, од каде што вакво одобрение не може да пропише ни единицата на локалната самоуправа.

Врз основа на направената анализа на изнесената регулатива произлегува дека единиците на локалната самоуправа можат да ги реализираат законски пренесените овластувања за пропишување, односно доуредување на условите за чување животни и домашни миленици, но исклучиво само во однос на дворните места.

Во Законот за локалната самоуправа, во Законот за комуналните дејности, во Законот за заштита и благосостојба на животните, во Законот за домување и во други закони не се наоѓа пренесено овластување за единиците на локалната самоуправа да ги доуредат: бројот на домашните миленици кои можат да бидат чувани во едно семејно домаќинство, начинот на нивното движење надвор од дворните места, барањето на посебно одобрение за чување на миленик од куќниот совет или пак да забрани чување на куче кое постојано лае и завива надвор од законски предвидена процедура.

извор: Akademik.mk

Total
0
Shares
Поврзани објави