Се појави аудиоснимка од затворениот дел на конгресот на СДСМ во која се слушаат критики од Шекеринска

„Реформи во СДСМ“ е насловот на нова страница, која од синоќа се појави на социјалната мрежа Фејсбук, непосредно по завршувањето на партискиот конгрес на кој беа избрани новите раководни органи на партијата. Единствената објава досега на оваа фејсбук-страница е аудиоснимка за која се тврди дека е од затворениот дел на конгресот, а во која се слуша гласот на Радмила Шекеринска, довчерашната заменик-претседателка на СДСМ.

„Шекеринска контра Заев! Далеку од камерите и микрофоните, Шекеринска отворено зборува за проблемите во СДСМ и Заев. Слушнете што се случуваше во затворениот дел од конгресот“,

пишува во објавата, во која со „хаштаг“ се бараат реформи во СДСМ и оставка на Заев.

Во снимката се слуша како довчерашната заменичка на Заев изразува загриженост поради, како што вели, нерешавањето проблеми, изразувањето сомнежи за оние што имаат свој став, а не за оние што го кријат поради некаква лична цел итн.

Снимката може да ја слушнете на слениот линк

https://www.facebook.com/107571981515872/videos/516463339381661

„Морам да кажам дека за некои работи сум и загрижена и сакам апсолутно да не сум во право. Загрижена сум дека за одредени прашања влегуваме во старата замка или старата опасност, а тоа е да ги затвораме очите од некои проблеми кои само ние можеме да ги решаваме, никој друг. Загрижена сум за тоа чувство дека ако си го одмолчиш своето, нема да има никакви проблеми, а тие проблеми само се зголемуваат. Загрижена сум што е сомнително кога некој има став и некаква позиција, исправна или не, а не кога ги жртвува и ставот и принципите за некаква лична цел. И загрижена сум што повеќе почнавме да им веруваме и да им помагаме на луѓето што ескивираа или се дистанцираа, а помалку на оние што страдаа заедно со нас. И реков, се надевам дека тоа мое чувство дека за некои работи шушкаме, а не зборуваме за да го решиме проблемот, тоа нема да ѝ помогне, само ќе ѝ одмогне на партијата“, – вели Шекеринска.

Шекеринска беше заменик-претседателка на СДСМ во два мандата, почнувајќи од 2013 година, кога и беше воведена оваа функција. Претходно таа беше и потпретседателка на партијата, а од 2006 до 2008 година беше и претседателка. Во пресрет на вчерашниот конгрес, Шекеринска сама најави дека се повлекува од функцијата и дека нема да биде дел од друг партиски орган бидејќи, како што рече, смета дека се потребни нови кадри за и СДСМ и политичката сцена во земјава да одат напред.

Total
0
Shares
Поврзани објави