(ВИДЕО+ФОТО) Приведено едно лице на блокадите на ВМРО-ДПМНЕ кај Мавровка, „на помош“ дојде и Мицкоски

За време на денешните блокади на ВМРО-ДПМНЕ на крстосницата кај ТЦ „Мавровка“ приведено е едно лице, по што група демонстранти ѝ дадоа отпор на полицијата и бараа негово ослободување.

Како што јави репортерот на „360 степени“ од терен, полицијата го одвела лицето во правец кон трговскиот центар, по што и дел од демонстрантите се упатиле натаму. Нешто подоцна на овој протест дојде и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, придружуван од потпретседателот на партијата Владо Мисајловски и генералниот секретар Ѓорѓија Сајкоски.

Демонстрантите велат дека приведеното лице снимало со мобилен телефон и дека тоа е причината за приведувањето, но од полицијата велат дека лицето се однесувало агресивно.

„Едно лице е лишено од слобода поради омаловажување службено лице и агресивно однесување, како и непочитување наредба од полициски службеник“,

велат од МВР за „360 степени“.

Во моментов ситуацијата стабилизирана, а протестот продолжи и ќе трае до 17 часот.

Предупредувачките протести на ВМРО-ДПМНЕ се одржуваат во Скопје и во други градови низ земјава со едно единствено барање, а тоа е Владата јавно да го објави таканаречениот „патоказ“ за преговорите со Бугарија. Доколку не се даде тој документ на увид на јавноста, ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе преземе и други активности, како институционални блокади и слично. Протестите ќе бидат од 15 до 17 часот на три локации во Скопје, пред Собранието, пред ТЦ „Мавровка“ и пред зградата на поранешна „Нова Македонија“.

извор: 360stepeni

Total
0
Shares
Поврзани објави