Жан Митрев доби обвинение за измама, му се заканува затворска казна од 1 до 10 години

Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје поднесе обвинителен акт против докторот Жан Митрев, сопственик на истоимената клиника, за кривичното дело измама (член 247, став 4 од Кривичниот законик), а поврзано со лекувањето ковид-пациенти со методот хемофилтрација. Обвинителен предлог за измама има и за клиниката како правно лице.

За кривичното дело за кое е осомничен Митрев предвидена е затворска казна од 1 до 10 години, додека на клиниката и се заканува парична казна.

Сепак, прво обвинението треба да биде оценето од Основниот кривичен суд Скопје, па доколку биде прифатено да почне судската постапка.

Предметот на обвинението е прикривање на клучните факти за хемофилтрацијата, односно методот бил прикажуван онака како што не смее, дека е алтернатива за лекување од ковид, а всушност не е така. Тоа Митрев го правел и преку многубројни медиумски настапи кои ќе бидат дел од доказите.

Од ОЈО Скопје појаснуваат дека хемофилтрацијата како метод може да најде примена и во третирањето на ковид-пациентите, но таа е ограничена, кај најтешки пациенти, со тешка клиничка слика. Исто така, појаснуваат и оти обвинението не е во насока на тоа дека пациенти починале од хемофилтрација и не е предмет несовесноста на лекувањето туку се однесува конкретно на тоа што на пациентите и нивните роднини не им била прикажана целосната слика за методот и биле доведени во заблуда.

„Тој се повикувал на документ издаден од Американската управа за храна и лекови во април 2020 година, со кој на компанијата „Бакстер“ и било издадено овластување за вонредна употреба на Оксирис сетот (Oxiris Set Device), како медицинско средство со кое се спроведува постапката за хемофилтрација кај пациенти со потврден коронавирус, на возраст од 18 години или повеќе кои се на интезивна нега со потврдена или итна респираторна слабост и потреба за прочистување на крвта. Меѓутоа, можноста за употреба на методот кај пациенти заболени од ковид-19 тој не смеел да ја промовира, истовремено прикривајќи го фактот дека методот не е одобрен во третманот на оваа болест, ниту од издавачот, ниту во нашата земја, како и дека овластувањето за медицинското средство е издадено само во вонредна постапка поради пандемијата, со дефинирани критериуми и опсег на примена“,велат од ОЈО Скопје.

Исто така, додаваат, покрај потенцијалниот бенефит, третманот имал и сериозни потенцијални ризици за кои пациентот морал да биде запознаен, па средството не смеело да се прикажува како безбедно или ефикасно во третманот или превенцијата од ковид-19.

Во текот на истрагата ОЈО Скопје пратило покана до пациентите и нивните семејства, а 283 од нив се јавиле и рекле дека се приклучуваат на прогонот и имаат чувство дека се измамени. Голем дел од луѓето кога се јавиле рекле и дека не знаат како се чувствуваат, некои дека не се чувствуваат измамено, но имало и такви што се излекувале, но рекле дека се измамени. Меѓу нив има и пациенти од странство, пред сè, од Косово.

Пресметките на Обвинителството се дека од овие луѓе што рекле дека се измамени биле наплатени
97 461 000 (околу 1,6 милиони евра) денари за хемофилтрација.

Со обвинението поднесен е и предлог пасошот на Митрев и понатаму да биде одземен како и да стои гаранцијата од еден милион евра која тој ја даде претходно како доказ дека нема да избега.

Total
0
Shares
Related Posts