„Новата директорка на Аеродроми Миликие Халими е избрана од Надзорниот одбор врз основа на исполнети критериуми“. Вакво образложение дава премиерот Димитар Ковачевски за предлогот на Владата – Халими да биде прв човек на Акционерското друштво за аеродромски услуги во државна сопственост. Тврди дека таа приложила универзитетска диплома, како и многу други функционери.
Назначувањето на поранешната градоначалничка на општина Арачиново за директорка предизвика лавина реакции, главно поради нејзиното несоодветно образование и брзото кариерно напредување. Минатата година, со завршено средно медицинско училиште беше назначена за инспекторка во Царинската управа. Пред неколку дена, таа самата ја објави веста дека ќе раководи со Аеродроми. Во нејзините биографски податоци наведува дека студирала на Педагошкиот факултет.