Протуѓер: Груевски ми спомна дека зел земјиште на Водно од десетина илјади квадрати, а разговаравме за Сопиште

Мартин Протуѓер, еден од најблиските соработници на поранешниот премиер Никола Груевски, денеска сведочеше на рочиштето за “Плацевите на Водно”.

Тој појасни дека од 2005 година почнал да работи во ВМРО-ДПМНЕ, најпрвин како шеф на кабинетот на претседателот, а од 2008 до 2011 година бил именуван за генерален секретар на партијата.

Протуѓер истакна дека иако со функцијата генерален секретар ја добил и обврската околу финансирањето на партијата , рече дека никогаш , ниту се разбирал, ниту се мешал.

На прашањето на обвинителката Лиле Стефанова, тогаш кој се грижел околу финансирањето, Протуѓер рече дека за таа обврска имало многу органи на партијата кои го контролирале таквото работење.

На прашањето пак дали имало сеф во партиското седиште, тој одговори потврдно.

-Таков сеф имаше и беше во канцеларијата на генералниот секретар. Јас таа канцеларија ретко сум ја користел, од време на време, за состаноци, зошто беше поголема. Таков сеф имаше таму, но јас во целиот тој период ниту можам да кажам што имало, дали имало материјални средства и колку, тоа не би знаел да кажам зошто не знам.

Се зборуваше дека има документација која е од значење на партијата, статути, одлуки, но и дека има одредени финансиски средства. Разбирав дека има средства за редовните трошоци, хартија, сијалици, но за волја на вистината не можам да го потврдам со сигурност, рече Протуѓер.

За тоа пак кој имал клуч од сефот, сведокот рече дека увид во содржините на сефот имале разни лица кои биле овластени од партијата или од претседателот на партијата, но увид сигурно имал и претседателот.

Протуѓер одговараше и на прашања поврзани со тоа дали некогаш со Никола Груевски  разговарале за купување, продавање или земање под закуп на имот.

-Би сакал да појаснам дека од 2005 година имавме коректен однос. Сме дискутирале на најразлични теми поврзани со секојденвниот живот, од политички до приватни теми.

Се сеќавам дека во повеќе наврати зборувавме за тоа кој каде би сакал да живее по звршување на мандатот. Му велев дека цел живот живеам во стан и не би менувал. Но тој и покрај тоа што исто така што живееше во стан, рече дека сака да живее во куќа, рече Протуѓер.

Тој откри и дека Груевски му кажал дека сака да живее во Сопиште.

-Често пати зборувавме и за локации, која е најдобра за живеење. Лекарите заради некои  хронични состојби му препорачуваа да живее на повисоко место. Беше некако запнат за локација како Сопиште итн. Сакаше да живее во куќа,  мислеше дека така ќе најде мир, рече сведокот.

Тој на Протуѓер му споделил и воодушевување од куќа на негов пријател.

-Во една прилика се врати од гости од кај поранешен политичар, на периферијата од Скопје, и раскажуваше импресиониран, дека имал огромна куќа, дека убаво му било средено. Тоа се нормални разговори, како еден вентил од напорното секојдневие.

Од 2009 година зборуваше со мене за таа тема и постојано го споменуваше Сопиште. Во 2016 година, додека се уште имавме комуникација, дури и бараше таму локација, цената на квадрат беше пониска, му одговараа условите, рече сведокот.

Но тогаш сведокот сподели и дека Груевски му спомнал дека купил земјиште на Водно.

-Мене ми беше невообичаено бидејќи околу 2012 година ми спомна дека земал некое земјиште од 10.000 квадрати некаде на Водно. За волја на вистината, за други детали не сме разговарале. Тој беше таков човек, сакаше да беше внимателен, претпазлив и ако не сака да каже нешто не кажуваше, рече Протуѓер.

Тој додаде дека и покрај тоа Груевски продолжил да зборува за Сопиште.

-Посебно зборувавме во 2015 година кога сакав да го продадам станот, а тој повторно ја врати темата за Сопиште, како да не се десило тоа за земјиштето во Водно, повеќе не спомена, рече сведокот.

Тој појасни дека кога тогашната опозиција ја отворила темата за плацевите на Водно, помислив дека се работи за истото земјиште.

-Но кога разговаравме рече, нема ништо, не е точно, демантирајте го. И ние испративме демант, а потоа и тој лично дрмантираше. Не ми кажа што планирал со тоа земјиште, јас помислив дека е за живеење, но тој никогаш не ни спомна, дополни сведокот.

На прашање на обвинетиот Орце Камчев дали земјиштето било во близина на еден наш познат бизнисмен, Ристо Гуштеров, Протуѓер рече дека не може да тврди, но така сфатил.

-Во тоа време така сфатив дека е во близина на тој бизнисмен, истакна Протуѓер.

Според обвинението, Груевски, од 2006 до 2012 година, како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, дел од партиските донации што ги добивал, лично или преку општинските комитети, ги задржувал за себе, па така прибрал најмалку 1,3 милиони евра.

Од октомври 2012 до септември 2013 година, парите ги потрошил со купување градежно земјиште на Водно, поточно на зафатот веднаш над Панорама, односно во местото викано Шербетница.

Total
3
Shares
Поврзани објави
Повеќе

Катица Jанева:Обвинител е секогаш обвинител, па и кога разговара со осомничени по телефон, а за ваква изјава во тој момент имаше оправдана причина

изјава на Катица Јанева по денешната снимка за случајот Рекет: Ја слушнав снимката, објавена на порталите поврзана со…