Собранието го донесе Законот за навреда и клевета: Намалени казните за новинарите и уредниците ако навредат или наклеветат некого

Казната за новинар од 2 000 евра се намалува за износ не поголем од 400 евра. За уредник од 10 000 на 2 000 евра, додека за правно лице досегашната казна од 15 000 евра се намалува за износ не поголем од 5 000 евра

Собранието денеска едногласно го усвои Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета со кој се гарантира слободата на изразување, информираат од Министерството за правда.

„Ова е еден од најлибералните закони во Европа чиј клучен аспект е драстичното намалување на висината на казните на медиумските работници за штетата предизвикана со навреда или клевета“,посочуваат од Министерството.

Законот предвидува за навреда да одговара тој што со намера да омаловажи, со изјава, однесување, објавување или на друг начин ќе изрази за друг со утврден или очевиден идентитет омаловажувачко или понижувачко мислење, со кое се повредува неговата чест и углед.

Законот, исто така, предвидува и пред поднесување тужба за надоместување на штетата оштетениот да бара извинување и јавно повлекување на изјавата или содржината за физичкото или правното лице на кое му е причинета штета со навреда или клевета и да презема мерки за ублажување на штетните последици, како и право на реагирање демант, одговор и исправка.

„За навреда сторена преку средства за информирање на кои се објавуваат содржини на начин достапен за јавноста, можат да одговараат авторот, уредникот или лицето кое го заменува и правното лице како издавач. Ако средството за информирање нема уредник или лице што го заменува, одговара физичкото лице или правното лице сопственик на средството за информирање“,стои во Законот.

Одговорност за навреда нема во случај ако изјавата е дадена во работата на Собранието на Република Северна Македонија, ако изјавата е дадена во работата на советите на општините и градот Скопје, во управна или судска постапка или пред Народниот правобранител, освен ако тужителот докаже дека е дадена злонамерно.

„Новинарот како автор не одговара за клевета, ако докаже дека нејзиното објавување му е наложено од страна на издавачот спротивно на закон, уредникот или лицето кое го заменува или содржината на неговата изјава е битно изменета од страна на уредникот или лицето кое го заменува. Новинарот како автор не одговара ако изнесувањето или пронесувањето невистинити тврдења за факти добило карактер на клевета со неговото опремување со ставање на наслови, поднаслови, фотографии, извлекување на делови од него, најави или на друг начин, од страна на уредникот или лицето кое го заменува“,се вели во Законот.

Намалување на казните

Како значајна новина предвидена со новиот Закон е значителното намалување на максималните износи кои судот може да ги досуди како надоместување на нематеријална штета предизвикана со навреда или клевета од новинар во вршење на новинарска професија, од уредник или лицето кое го заменува или од правно лице. Така, казната за новинар од 2 000 евра се намалува за износ не поголем од 400 евра. За уредник од 10 000 на 2 000 евра, додека за правно лице, досегашната казна од 15 000 евра се намалува за износ не поголем од 5 000 евра.

Со донесувањето на овој закон се постигнува усогласеност со меѓународните стандарди, Европската конвенција, праксата на ЕСЧП и Член 28 од Директива 2010/13/ЕУ CELEX бр. 32010L0013.

Ваквото усогласување е дел од поглавјето „3.23 Правосудство и фундаментални права“, кое ги покрива областите на правосудство, антикорупциска политика и фундаментални права, односно политиките на Европската Унија кои имаат за цел да се осигури квалитет на правдата и пристапот до правдата за граѓаните.

извор: 360stepeni

Total
7
Shares
Поврзани објави
Повеќе

Груевски во Будимпешта?

“Во последните неколку денови примив безброј закани по мојот живот. Јас сум во Будимпешта сега, и побарав политички…