Ексдиректорот на Онкологија, Нино Васев, доби ослободителна пресуда во предметот за несовесно работење во службата

Поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Никола Нино Васев, и двајца доктори Основниот кривичен суд во Скопје денеска ги ослободи од обвинението за несовесно работење во службата во врска со предметот што се водеше против нив од 2021 година, а по кривична пријава на семејство на починат пациент три години претходно, односно во 2018 година.

На изрекувањето на пресудата во Кривичниот суд, судијката Славица Наумовска рече дека обвинетите Никола Васев, Игор Стојковски и Марија Симоновска се ослободуваат од обвинението бидејќи од изнесените докази во текот на постапката не се докажало делото што им се ставаше на товар.

„Јавниот обвинител во текот на судењето не успеа да го докаже точното време на извршување на делото и начинот“,рече судијката Наумовска, пренесува МИА.

Првообвинетиот Васев не присуствуваше на изрекувањето на пресудата, на која незадоволните странки имаат право на жалба до второстепениот суд.

Јавната обвинителка Лидија Раичевиќ, која го застапуваше обвинението, во изјава за медиумите по изрекувањето на пресудата најави жалба пред второстепениот суд, затоа што е убедена дека има докази оти тројцата лекари ги сториле кривичните дела и оти заслужуваат осудителни пресуди.

„Тоа што го сториле обвинетите и тоа што треба да се извлече како поука за целиот докторски персонал што работи со пациенти на Онкологија, е дека на овие пациенти им е потребна заштита согласно два закони – Закон за здравствена заштита и Закон за заштита на права на пациенти. Тие имаат точно определени права коишто им следуваат и се однесуваат на прием, лекување, терапија, дијагноза, третман, однос на лекари којшто ќе им внесе доверба дека се во сигурни раце и дека можат да очекуваат продолжување со медицинска заштита на нивниот живот. Тоа не го добил овој пациент, којшто е починат во многу тешки услови и околности и заради тоа сметавме дека е сторено кривично дело“,ја пренесува државната новинска агенција изјавата на обвинителката Раичевиќ.

Предметот против тројцата лекари се водеше од 2021 година, по обвинение дека на пациент со малиген меланом три месеци не му била препишувана терапија на Клиниката за онкологија поради што тој починал откако му се влошила здравствената состојба.

Според обвинението, Васев како тогашен директор на Онкологија не одобрил на пациентот да му се препише соодветна терапија во периодот од јуни до септември 2018 година.

Во ноември истата година, на семејството на пациентот тој им рекол самите да набават лекови од соседна држава. Сето ова, според обвинението, го направил иако не бил ординирачки лекар, туку за лекувањето на пациентот биле задолжени другите двајца доктори. Тие одговараа за несовесно лекување болни токму поради тоа што три месеци на пациентот не му препишувале терапија, по што неговата здравствена состојба се влошила и починал во јануари 2019.

Инаку, поранешниот директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Никола Нино Васев беше еден од повиканите кои сведочеа пред собраниската Анкетната комисија за скандалот на Онкологија, случај што беше отворен пред неполни четири месеци и што сè уште е во предистражна фаза во Обвинителството.

Total
0
Shares
Поврзани објави