МВР со важно предупредување : Не наседнувајте на електронски „судски покани“, тоа е меѓународна измама

Доколку добиете електронска порака во име на директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски која изгледа како судска покана, не наседнувајте бидејќи станува збор за измама во меѓународни рамки.

Од МВР информираат дека деновиве имале пријави од граѓани за добиенa електронска порака наводно во име на директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски, во која во вид на наводна покана за суд, примачот на пораката се известува дека е предмет на правни постапки за низа измислени кривични дела, кои ги нема сторено, како детска порнографија, педофилија, егзибиционизам… Притоа, примачот на пораката се повикува да се регистрира преку мејл и да ги даде неговите лични податоци.

-МВР ги известува граѓаните дека станува збор за лажна порака која не е испратена од страна на МВР, односно од БЈБ. Овие електронски пораки се класичен обид за измама во кој целта на измамниците е да дојдат до личните податоци на граѓаните со цел нивна понатамошна злоупотреба. Судските покани не се испраќаат преку мејл, а и доколку внимателно се прочитаат овие пораки, видливо е дека станува збор за измама.

Затоа, апелираме на посебно внимание, овие пораки да не се отвораат, да не се контактира испраќачот и никако да не се споделуваат личните податоци кои ги бараат измамниците. Исто така, предупредуваме да не отворате линкови и датотеки кои се испратени во прилог на електронска порака која доаѓа од непознат испраќач, со цел заштита на вашиот компјутерски систем од малициозен софтвер.

Воедно, информираме дека ваквите обиди за измама се со меѓународен предзнак, имајќи предвид дека електронски пораки со слична содржина, а со иста цел – злоупотреба на лични податоци, во изминатиот период беа испраќани и на граѓани во земјите од регионот, се вели во соопштението на МВР.

Total
0
Shares
Поврзани објави