ЕКСКЛУЗИВНО СВЕДОШТВО : Адвокат изгуби пари по вина на обвинителството и недоречености во правилата за бришење фирми на Централниот регистар

Адвокатот Владимир Кацарски за dosie.com.mk раскажа како поради неодговорност односно непостапување на Јавното обвинителство не успеал да наплати долг за сработени адвокатски услуги. Во продолжение прочитајте го неговото искуство и патешествие по институциите на системот. Верувам дека по обелоденувањето на случајот надлежните институции соодветно ќе постапат и предметот ќе добие соодветна законита завршница.

-Конкретната соработка со мојот должник почна во јули 2014 година кога почнав да работам на наплата во милионски предмет во денари / илјадници евра долг за мојот клиент. Тогаш потпишавме договор за застапување дека за секое дејствие ќе ми биде исплатен одреден надомест според тогаш важечката Адвoкатска тарифа (неколку пати помала од денешната). Јас почнав со превземање дејствија и соодветно постапување заради намирување на долгот за мојот клиент, додека клиентот не постапуваше по договорот за исплата на дејствијата. Во текот на постапката на секое мое потсетување да ми биде исплатена соодветна награда согласно договорот, од страна на мојот клиент ми беа кажувани приказни дека „само што не им стигнале средства по некој основ“ за да ми платат. Во еден момент постапката веќе беше длабоко навлезена и мојата сметка празна па тие за да избегнат да го побарам заработеното одлучија да го откажат договорот за застапување и даденото полномошно. Предметот го задржав до исплата како што налагаат прописите за адвокатско работење. Покренав постапка пред надлежен Нотар а потоа и до Извршител. Тогаш, од страна на клиентот, односно сопругот на тогашната управителка на фирмата, во неколку наврати насилно беше побаран предметот во оригинал „за сами да ја продолжат постапката“ заради тоа што „не биле задоволни од мојата работа“. Во еден момент, дури бев и директно предупреден од сопругот на тогашната управителка со покажување и мавтање со прст проследен со крцкање на заби со извик „ќе видиш ти“ и тоа во мојата адвокатска канцеларија. Овој настан е пријавен во ПС Аеродром во текот на 2015 година. Во тие моменти дознав од Извршителот дека мојот извршен предмет е со редослед на 5то место за извршување. Тогаш сфатив дека нема никогаш да го добијам заработеното и одлучив да поднесам Кривична пријава за Кривично дело повластување и оштетувањае доверители или народски Превземање обврски без покритие. Тоа е постапка во која треба Обвинителството да утврди дека „паметните фирми“ и нивните управители и директори кои потпишуваат договори па не исплатуваат пари за договореното, да може да бидат кривично гонети и евентуално осудени заради таквото нечесно и измамничко работење.
Постапката ја почнав пред Основното јавно обвинителство Скопје со приложување на целиот предмет во копија кон крајот на Ноември 2015 година. По распределувањето на предметот и добиените насоки од надлежниот Основен јавен обвинител Мишо Илиевски предметот го доставив во оригинал со Поднесок. Оваа достава беше некаде околу Нова Година 2015/2016. Од тој момент постапувањето на предметот е буквално запрено!!!
Во текот на 2016 година имав бројни обиди за контакт со надлежниот обвинител но од стражарската служба ми беше кажувано дека „на адвокати не даваат податоци ниту контакт со обвинители“ како и тоа дека „ако претерам со моите барања имаат право и гол да ме соблечат и да ме претресат“.
По вака искажаните наредби од чуварската служба усмено ја известив Адвокатската комора, по што ситуацијата делумно се подобри.
По моја Ургенција доставена до Основниот Јавен обвинител – Шефот на основните обвинители – доставена на почетокот од 2017 година контактот со обвинителот Мишо Илиевски конечно се воспостави и „почна да се движи предметот“. Кон крајот на Јануари 2017 година ми стигна известување дека треба да појдам до МВР Сектор за економски криминал каде на 01.02.2017 година дадов дополнување на моите тврдења и наводи по повод поднесената Кривична пријава против моите поранешни клиенти.
Не бев известен дека Фирмата која ја застапував и со која имавме договор за адвокатски услуги веќе на 06.02.2017 година била избришата од Централниот регистар на РМ по основ на неподнесување Годишни даночни пријави !!!
По моето дополнително изјаснување во МВР, со надлежниот обвинител имавме уште неколку телефонски повици и пораки на неговиот службен телефон. Секогаш добивав ветување дека „многу сум зафатен ама ќе го завршиме премдетот“. И така е, предметот се заврши но на моја штета. Во конректниот случај јас како адвокат изгубив 80.000 денари главен долг, неподмирени трошоци за Нотар и Извршител, како и затезни камати на моето побарување.
Од неформални контакти разбрав дека моите поранешни клиенти успеале да го наплатат долгот на рати во определен износ и дека нивното намирување е започнато.
Да, се согласувам дека знаев оти фирмата е со блокирани сметки, но исто така знаев дека управителката работи и заработува пари, исто и нејзиниот сопруг. Дури и нивните објаснувања одеа до таму дека „парите кои мене треба да ми ги дадат им биле потребни за школување на децата или заминување на одмор“ ?!
Знам, се случува понекогаш овие предмети да не се наплатат. Мене ми е мака тоа што моите колеги од ОЈО Скопје не излегоа во пресрет и не постапија согласно нивните законски надлежности. Наместо тоа, пропуштија да постапат и со таквото непостапување доведоа до тоа мојот долг да остане ненаплатен, ниту да може по било кој основ да се наплати. Со безобразното однесување на Портирница во ОЈО Скопје моите службени права како адвокат беа оспорени и прекршени. Заборавија дека пред нив стои службено лице!
Навистина во мојот случај Криминалот се исплати. И тоа многу. Независно дали ги зеле парите од нивниот должник, останува чувството дека моето залагање остана залудно. Институцијата Основно јавно обвинителство Скопје, како и воопшто целикупниот систем на Јавно обвинителска служба е воспоставен на систем на наредби од повисок кон понизок орган или обвинител. Сепак, лично мислам дека целата оваа процедура можела да се заврши многу побрзо и без да помине таа 2016 година во препирања со чуварската служба на Јавното обвинителство. Во мојот случај ОЈО Мишо Илиевски постапи несовесно и директно ми ги прекрши моите права да го наплатам моето побарување. Сега, со вака донесеното Решение за одбивање на Кривичната пријава, мене единствена опција ми е да го тужам Обвинителот и од него да ги побарувам моите ненаплатени средства.

Total
0
Shares

USJE
Поврзани објави