Кој ќе седне на позицијата на Шеќеринска?

Министерот Венко Филипче неколку пати во јавноста имавме прилика да го видиме во приватно во друштво со премиерот Зоран Заев. Тие двајцата честопати кога имаат слободно време заедно возат мотори. Но, колку оваа блискост е најава дека на утрешниот конгрес за негов заменик Заев ќе го предложи токму Филипче. Иако во јавноста веќе подолго време се шират шпекулации дека токму тој ќе биде избран, Министерот Филипче вели дека со лидерот на СДСМ, досега не разговарал за негово евентуално назначување на местото на Радмила Шекеринска – потпретседател на партијата.

„Не сум разговарал на таа тема со претседателот Заев. Преокупирани сме со менаџирање на овој процес, на кризата и вакцинацијата. Верувам дека ќе го направи најдобриот тим исто како што беше и до сега и дека ќе продолжи успешно да работи на полето на имплементирањето на сите успешни политики исто како и досега“, посочи Филипче.

По осум години Шекеринска како заменик претседател на СДСМ се повлекува од оваа висока партиска функција. Таа денеска не одговори конкретно дали останува во СДСМ, но порача дека е потребно малку повеќе да се зборува за суштински, реални нешта, а помалку време да се губи на дезинформации и кујнски сплетки.

„Сметам дека не треба да бидам дел од раководната структура на СДСМ во следниот период и тоа се однесува на сите функции, така што мислам дека би било несериозно да се префрлам од едно место, на друго место. Сето останато три години го слушам и никако да се случи. Би сакала малку повеќе да зборуваме за суштински, реални нешта, а помалку да губиме време на дезинформации и кујнски сплетки“, истакна Шекеринска.

Во изминатиот период Социјалдемократите се соочуваат со политички потреси. Тоа го покажуваат и неодамнешните настани со директорот на Пазарниот инспекторат, Стојко Пауновски, а незадоволство има и во општинските совети. Охрид, Центар,Куманово се само дел од општините во кои незадоволни членови и поранешни високи функционери на СДСМ најавија дека ќе поднесат независни советнички листи. Тие не ја исклучуваат можноста по локалните избори да формираат и нова политичка партија.

Total
0
Shares
Поврзани објави