Судијата од Кривичен суд – Скопје Ивица Стефановски за четворица обвинети денеска изрече казна доживотен затвор за убиствата и грабнувањата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и пензионерот Панче Жежовски. Таткото на девојчето кој беше обвинет за помагање доби ослободителна пресуда.
Судијата изрече доживотен затвор за првообвинетиот Љупчо Палевски – Палчо како и за Велибор Манев, Боре Видевски, Влатко Кешишев. Таткото на малолетната Вања, Александар Ѓорчевски го ослободи од обвинението бидејќи како што истакна судијата, обвинителството не успеало да ја докаже вината.
„Обвинителот и покрај убеденоста не успеа да докаже дека обвинетиот Ѓорчевски го сторил делото кое му се ставаше на товар па за тоа го ослободува. Останатите обвинети се виновни бидејќи на свиреп начин ја лишиле од живот жртвата Вања Ѓорчевска, изложувајќи ја на тешко психичко страдање. Велибор го извадил девојчето од багажникот, ја ставиле во дупка која претходно ја ископале, а Палевски со пиштол НН марка преку перниче кое го пронашол во близина, испукал куршум во главата на девојчето“, рече судијата Стефановски.
Судијата целосно го објасни и убиството на пензионерот Панче Жежовски за кое исто така обвинетите добија доживотен затвор.
Според пресудата, на 22 ноември 2023 година, „обвинетите заеднички извршиле грабнување на Панче Жежовски во Велес, Љупчо Палевски Палчо му пукал во глава, по што го заплениле неговото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје“.
Малолетната Вања беше грабната на 27 ноември,од влезот на нејзината зграда кога утрото се упатила кон училиште. Сторителите „ја врзале, ја ставиле во вреќа за спиење па во багажникот на „Цитроенот“ и во близина на Скопје ја убиле. Двајцата беа пронајдени мртви на 3 декември 2023 година.