Скандалозно дојде, скандалозно си замина. Контроверзниот амбасадор Љубомир Фрчкоски, откако се соочи со можно разрешување, во улога на жртва реши сам да си даде оставка од позицијата во Обединетите нации. Оставката ја депонирал до Mинистерството за надворешни работи и надворешна трговија, и до претседателката Гордана Сиљановска Давкова. Од нејзиниот кабинет потврдија дека ја примиле оставката. Засега, Фрчковски не ги соопшил причините, ниту пак е позната зодржината на оставката. Во кратка изјава за Либертас, освен што се жали за некаков проект што го започнал во рамките на ООН, друго објаснување нема.
Македонија предложи проект во ООН кој беше прифатен прв пат во својата историја на членство кој се вика “Промоција на дијалог и медијација со цел превенција на геноцид и сличните злосторства (воени злосторства и злосторства против човештвото)“.
Амбасадорувањето на Фрчкоски, кој во минатото беше и министер за внатрешни и надворешни работи, од почетокот беше проследено со скандали. Неговото заминување во Њујорк, следеше откако не успеа да стане амбасадор во Вашингтон. Причината, според повеќето медиуми беше тоа што Соединетите Американски Држави дале негативно мислење за него како личност. Тогашниот претседател Стево Пендаровки се правдаше дека не станувало збор за негативно мислење, туку не добиле одговор од САД, што во диплиоматијата значи дека кандидатот не е пожелен или не ги исполнува сите безбедносни стандарди. По ова, Фрчковски во 2022 година замина во Мисијата на ООН Њујорк, за што не се бара дозвола од Американците.
Оставката на Фрчкоски следи откако минатиот месец тој беше повикан на разговор во МНР поради можни финансиски нерегуларности во работењето на претставништвото. Тој тогаш призна дека користел државни пари од службената картичка за приватно да си купи авионски билети кон Македонија, но се правдаше дека морал поради итна медицинска интервенција, а потоа и да присуствува на погребот на својот брат. Вети дека ќе ги врати парите. Сомнежи имаше и за парите од сукцесијата, за што се правдаше дека ги уплатил.
Според експертите, овој случај треба да биде симбол за почетокот на една реконструкција на македонската дипломтија, која сите овие години повеќе работеше против отколку за интересите на Македонија
Ова треба да симболизира почеток на реконструкција на дипломатијата. Мора да се почне од некаде, да работиме на подобрување на надворешната политика, вели поранешниот амбасадор Ристо Никовски.
Фрчкоски не е првиот амбасадор кој беше повикан на консултации од новиот министер Тимчо Муцунски. Во Скопје мораа да се вратат и амбасадорот од Италија, Весел Мемеди кој на своја рака ги извести тамошните власти дека пасошите без северна не важат, иако немаше таква насока од МНР, како и амбасадорот во Албанија Данчо Марковски, кој и покрај алармот на нашинците таму за бугарската пропаганда за време на пописот, не направил ништо.
alfatv.mk