Како етичките стандарди и советите за етика може да помогнат за подобро информирање на граѓаните?

Од појавата на новинарството како јавно добро до денес, неговата улога е непроменета. Професионалното новинарство во која било форма – вест, извештај, репортажа, анализа или истражување, има иста цел, а тоа е пренесување на точни, навремени, проверени и балансирани информации.

Но, паралелно со времињата, се менуваат и трендовите во известувањето. Новинарската етика во дигиталната ера подлежи на многу предизвици во трката со времето да се биде прв и ексклузивен во пренесувањето на информациите. Тука неретко влегува и сензационалистичкиот пристап во известувањето, кој повеќе нанесува штета и недоверба кај јавноста, отколку бенефит за медиумот што го публикува. Праксата покажува дека тоа најмногу се однесува на интернет порталите.  

Непопуларноста на печатот, слабата продукција на оригинални приказни на телевизиите за да го задржат вниманието на гледачите, ги префрли огромен дел од македонските граѓани информациите ги восприемаат преку интернет. Онлајн порталите доминантен извор и избор на информации за граѓаните. Иако, голем дел од нив воопшто и ги немаат воспоставено етичките принципи на работа.

Ваквата слика требаше да се промени со професионалниот регистар за медиуми, кој се најави кон крајот на 2019 година, а почна да функционира неколку месеци подоцна. Беше најавуван како процес на професионализација на онлајн медиумите, преку исполнување на низа критериуми, преку кои ќе се одвојат медиумите кои се на висина на новинарските стандарди, а на другата страна ќе изолирани оние кои во „сенка“ без основни податоци за нивната работа, всушност ја дезинформираат јавноста и работат во корист на политичкиот наместо за јавниот интерес.

Што имаме две години подоцна? Освен бројката дека 155 медиуми се членки на регистарот, други информации што се случува во оваа сфера не се видливи ниту за новинарите и медиумите, ниту за јавноста. За јавноста особено, бидејќи на крајот на денот, ние и служиме нејзе. Многу одговори токму на јавноста должат и иницијаторите кои го почнаа овој процес, Здружението на новинари на Македонија, Советот за етика во медиумите и Стопанската комора.

Прво и основно, постои ли некаква анализа дали и на кој начин овој регистар им помогна на професионалните онлајн медиуми? Дали и какви се ефектите од неговото досегашно функционирање? Трпат ли некаква штета оние непрофесионални медиуми кои не се дел од регистарот? Како да се мотивираат и тие да бидат дел од него? Следејќи ги одлуките на Комисијата за жалби при Советот за етика во медиумите, слободно може да се констатира дека и некои од оние онлајн медиуми кои се дел од регистарот, во неколку наврати ги повредиле основните новинарски стандарди, а тоа е застапеност на втората страна во приказната. Тоа го наметнува и прашањето дали се води некаква евиденција колку пати медиумите кои се обврзале на професионални стандарди, а сами не ги почитуваат, можат да продолжат по тој пат? Дали веќе имаме пракса на построга санкција и некој да биде исклучен од регистарот? Понатаму, каква улога одигра Стопанската комора? Колку декларативна, а колку суштинска? Во пазарно општество никој никому не може да забрани каде да се рекламира, но, колку бизнис заедницата ги насочи своите членки преку рекламирање да го помогнат процесот и да ја поддржат работата на професионалните медиуми? Бидејќи, другите примери на компании кои се рекламираат на непрофесионални интернет медиуми се лесно забележливи. Дали всушност постои отпор кај бизнис секторот и кои се причините за тоа?

Оправдувањето дека тоа е процес кој е менлив и се развива тековно, а во период од две години јавноста да не може да види конкретни резултати е неоправдано. Дури и процесите да течат, тие не треба да бидат интерни меѓу ЗНМ, СЕЕМ и Стопанската комора. Дури и да има какви – такви резултати, проблемот е во видливоста. Јавноста мора постојано да биде информирана. Платформата да биде што повеќе достапна за граѓаните, а со помош на еснафот, нејзина многу поголема промоција да дадат и самите медиуми кои се дел од нејзе. Бидејќи од овој процес полза би имале сите: онлајн медиумите преку саморегулација до професионализација, добро информирани граѓани, бизнис сектор заштитен од штетници во професијата. И на крај, можеби најтешкиот чекор, да ги притисне до ѕид и политичките партии за напуштање на праксата за рекламирање на портали кои се или обоени или наклонети.

Oвој новинарски текст е подготвен од авторот Петар Клинчарски ангажиран од Советот за етика во медиумите во Македонија, во рамките на проектот „Медиумска саморегулација: зајакнување на медиумскиот професионализам за јавно добро“ поддржан од УНЕСКО и не ги одразува ставовите на донаторот или нарачателот.

Total
0
Shares
Поврзани објави
Повеќе

МОНСТРУМ

Случајот Монструм никогаш не сакав да го нарекувам баш како Монструм. Додека го следев во судница и надвор…
Повеќе

Сите ние сме Вие

Одамна сум кажала за во кафеана сите сме другари. Лесно е да се радуваш, пееш, пиеш… Но во…